Со две премиери на Пучини свечено отворени 54. „Мајски оперски вечери“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со традиционалното палење на фестивалскиот оган, што годинава го запали познатата сопранистка Ана Дурловски, свечено беше отворено 54. издание на манифестацијата Мајски оперски вечери.

Годинашното отворање донесе уникатен почеток на фестивалот со изведба на две оперски премиери од Џакомо Пучини – „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, што е првпат две претстави да бидат поставени уште на самиот старт на фестивалот.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во објава на социјалните мрежи посочи дека фестивалот повеќе од пет децении претставува симбол на врвна уметност, културна традиција и љубов кон операта.

„Нека музиката, уметноста и сценската магија и оваа година бидат мост што нè обединува и инспирира“, напиша Љутков.

Фестивалската програма оваа година е во знакот на делата на Џакомо Пучини и Џузепе Верди. Публиката ќе има можност да ги проследи и оперите „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Риголето“, „Травијата“ и „Набуко“, додека на програмата е вклучен и балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски.

Во двете оперски продукции за отворањето настапија и уметници од Италија. Режијата ја потпишува Пјер Франческо Маестрини, додека диригент е Џанлука Мартиненги. Во „Сестра Анџелика“ главната улога ја толкува италијанската сопранистка Валентина Бои, заедно со домашните солисти, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.

Во операта „Џани Скики“ настапи и италијанскиот баритон Роберто Де Кандија, кој ја играше насловната улога. Делото е инспирирано од „Пеколот“ на Данте Алигиери и ја прикажува Фиренца од крајот на 13 век, во периодот на културен подем и раѓањето на ренесансата.

Директорот Арсовски истакна дека годинава е подготвен репертоар кој ја спојува традицијата со новата енергија, со цел публиката да добие комплетно и впечатливо уметничко искуство.

„Мајските оперски вечери се огледало на институцијата и доказ за нашата посветеност да создаваме продукција што достоинствено може да застане рамо до рамо со европските сцени“, порача Арсовски.