Сите очекуваа денеска некаде да се фрли прата лопата за изградба на коридорот 8 како што најавуваа функционерите.
-Работите почнуваат на 22 април оваа година, а камен темелникот ќе се постави најдоцна до 3 или 4 април година-рече Груби.
Дека на 22 април ќе започнат работите најави и Министерството за транспорт и врски, додека министерот пред неколку дена повика на смиреност и дека ќе има соопштение за локацијата.
Но никакво соопштение не дојде од Владата или од некое надлежно министерство за да соопштат на која локација ќе започнат работите.
Го прашавме првиот вицепремиер Артан Груби за неговата најава за 22 април, но не добивме одговор. Го прашавме и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, но ни рече дека ќе има соопштение во врска со ова прашање, а во кое пишува дека од денеска започнува реализацијата на изградба на коридорот 8 и 10Д, но за разлика од претходните помпезни најави со игра на зборови дека денеска ќе започне изградбата, од соопштението на Министерството за транспорт и врски се дознава дека започнуваат подготвителните работи на терен а не изградбата на терен.
-Според договорот, од денеска започнуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подоготовка на урбанистички проекти, основни проекти, со цел да се отпочнат и постапките за експропријација и проектирање. Паралелно со ова започнува мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации, подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги-стои во соопштението од министерството за транспорт и врски.
Освен најавите дека градежните работи на дел од коридорот 8 ќе започнат на 22 април, имаше и најави дека за изградбата на коридорот 10Д работите ќе почнат на 12 мај, но по се изгледа ниту за ова не треба да се очекува почеток на работите туку само подготовка за работа.
