Министерството за здравство информира дека вчера, со вакцинација на 202 здравствени работници почна имунизацијата во земјава.
Согласно направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица кои работеле или работат со КОВИД пациенти од инфективната клиника, ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники кои хоспитализираа пациенти.
Од следната недела вакцинацијата ќе почне и кај здравствените работници во болниците низ државата, како и приватните болници.
„Вакцините се безбедни и развиени на сигурни платформи. Во неделата, од Србија добивме 4680 од вкупно 8000 вакцини од компанијата Фајзер. Во текот на следната недела, во Северна Македонија се очекува да пристигнат и другите количини од Србија“, велат од МЗ.
До крајот на месец февруари, се очекуваат да пристигнат и 200-те илјади вакцини од Народна Република Кина.
