На 100.000 жители во Македонија, дури 350 се фриленсери. Како нација сме највисоко во регионот по концентрираност на фриленсерите, покажале истражувањата каде се броеле само профилите на дигиталните платформи. Потенцијалот и квалитетот е висок, но не е решен нивниот социјален статус. „Импакт фондацијата“ ги собра на едно место во CoWork 21 конференцискиот простот во Телевизија 21, фриленсерите од земјава и странство, компаниите и недлежните институции.
-Проблемот е во тоа што не можат многу високо да ја наплатат својата работа и покрај тоа што квалитетот е ист. Причина за тоа мислиме дека е некредибилноста, непознато мислење за тоа каков е фриленсот од Македонија, немаме доверба, не ја уживаме довербата на американскиот пазар и ни треба време додека се истакнеме таму. За пример другите земји лобираат во странство и ги промовираат своите дигитално сработени задачи и своите фриленсери. Токму тоа е тоа што сакаме да го постигнеме на светките платформи, изјави Елена Иванова, директорка на Импакт Фондација.
Широк е дијапазонот на дигитални работни места и младите немаат отпор кон тоа да бидат самовработени, вели Иванова. Дигитален маркетинг, мултимедија, креативна индустрија, програмерство се само дел од дигиталните работни места кои тие ги работат најчесто за странски компании. Вели како фондација работат и на лобирање кај институциите да им обезбедат легален начин на фриленсерите тие да можат да придонесуваат со плаќање на даноци и да бидат еднакви граѓани во општеството.
Колкав е вкупниот број на младите кој што работат како фриленсери никој не знае. Од Министерството за социјална политика ангажирале експерти кои ќе ги пребројат, ќе направат анализа колку тие придонесуваат на пазарот на трудот и на економијата. Изработен е и предлог закон кој ќе им овозможи на фриленсерите да бидат вклучени во системот на социјално осигурување.
Тие ќе бидат изедначени со другите вработени, тоа значи дека тие самите ќе го пријават својот труд односно договорот за вработување кој што го имаат со било која странска организација, компанија и така натаму и ќе плаќаат придонеси како сите други вработени.
Како опција за финансиска сигурност пак им се нуди и третиот доброволен пензиски столб.
-Овдека сме да ја нагласиме потребата од долгорочна финансиска сигурност за слободните професионалци. Особено за нив што работат во услови на нерегулиран работен статус и без редовно плаќање на пензиски придонеси, можеме да кажеме дека третиот доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус во нашето друштво е вистинска можност преку која што можат лесно достапно, флексибилно да планираат сопствена заштита согласно своите можности и своите потреби, изјави Снежана Станковиќ, претседател на УО на Сава Пензиско Друштво.
Во него секој може да штеди од својата 15 годишна возраст. Од друштвото велат може да штеди кој колку сака. А парите може да се користат 10 години пред пензионирање, односно на 52 години за жена и 64 за маж.
