Со зголемување на казните за насилство врз животни до поголема свесност кај населението

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемувањето на казни за насилство врз животните се тенденција насекаде во светот, па и кај нас. Драфт верзијата на новиот Кривичен законик за мачење животни предвидува зголемување на казните, како и проширување на членот со „убивање животни”. Во постоечкиот Кривичен законик, членот 233 се однесува само на „мачење животни”.

Во овој член од сегашниот Кривичен законик се наведува дека „тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година”, како и „тој што со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година”.

Со предлог измените во Кривичниот законик, или конкретно за член 314 кој гласи „убивање и мачење животни” се воведува нов став според кој „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.

Со казната од овој став на членот ќе се казни и тој што со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба. Тој што делото од ставот на овој член ќе го стори од користољубие, ќе се казни со казна затвор од една до пет години, како и животните ќе се одземат.

Дел од активистите за заштита на животни го поздравуваат овој чекор на надлежните и сметаат дека истиот е во насока на светските трендови и Европската Унија.

Од лани, во Обединетото Кралство стапи на сила новиот Закон за благосостојба на животните со што казните за насилство врз животни се зголемија десеткратно. За најлошите случаи на суровост кон животните, казните од само шест месеци се зголемија на пет години во Англија и Велс. Вакви казни уште има и во Шкотска и Северна Ирска.

Како добар пример за заштита на животните може да се земе грчкиот закон, според кој сериозното злоставување на животните е кривично дело што може да доведе до максимална затворска казна од 10 години. Според новите одредби на законот, кој стапија во сила пред две години, во Грција луѓето кои малтретираат животни ќе треба да платат и „глоба од 5.000 до 15.000 евра”. Минималната затворска казна ќе биде една година.