Собранието го донесе Законот за Судски совет, со 73 гласа „за“ и 1 „воздржан“, помина првиот реформски закон од правосудството.
Клучните измени се јавни седници во постапката за разрешување на претседател на Советот, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, јавна расправа при избор на кандидати за не-судски членови за поголема транспарентност, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови од редот на судиите и други новини кои се во согласност со препораките на ЕУ.
Власта со пофалби, опозицијата со сомнежи за новото законско решение.
„Со вака предложеното законско решение се уредуваат сите клучни прашања, изборот, одговорноста, мандатот на членовите на Судскиот совет, начинот на работа и одлучување, како и изборот,оценувањето и одговорноста на судиите и претседателите на судовите. Јасно е дефиниран во предложеното законско решение и принципот на политичка неутралност, односно членовите на Судскиот совет не смеат да членуваат во политички партии и според мене ова е темел и основа за независно судство“, вели Драгана Арсова од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на процесот на избор, овој закон не подобрува многу работи во процесот на избор, повторно не е онаа постапка веќе и пред мене колегите говореа, тоа што се користи за изборот на членови на ДКСК и повторно последниот збор во процесот на избор го има токму комисијата за избор и именување во Собранието, така што не гледам како ќе биде изборот независен и притоа нема ниту ранг листа, туку има листа на кандидати што повторно остава можност на Комисијата да си избере и петнаесеттиот кандидат да биде прв и да влезе како член на Судскиот совет“, рече Моника Зајкова од ЛДП.

Новиот закон предвидува построги критериуми за членови на Судски од редот на истакнати правници, а предложени од Собранието и Претседателот на државата. Се бара најмалку 15 годишно работно искуство во правната професија, најмалку три препораки од универзитетски професор, адвокат или уставен судија.
Инаку во Судскиот совет се очекува влез на уште двајца нови членови како истакнати правници откако завршија мандатите на Весна Дамева и Миљазим Мустафа. Претседателката на државата треба да предложи нивни наследници, откако претходно најави дека ќе го чека новиот закон со заострени критериуми за да номинира членови за Судскиот совет.
