Облечена во скафандер и заразена со корона вирус, пратеничката на СДСМ, Бисера Стојчевска на Фејсбук информираше дека ќе учествува во Собранието за усвојување на законите за петтиот пакет економски мерки.
Таа дошла со амбулантно возило, а во меѓувреме чекаше надвор од Собранието да започне седницата. Кога наближи 14 часот кога требаше да започне седницата, таа излезе од возилото. Рече дека дошла да гласа со цел да им се помогне на граѓаните.
Освен неа, во Собранието дојде и пратеникот Мирослав Богдановски, кој исто така е позитивен на корона вирус.
Собранискиот спикер Талат Џафери ја отвори 32-та седница, но исто така како што најавија присутни на седницата не беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Џафери ги помина точките од дневниот ред, а претседателот на Левица, бараше процедурално, стоејќи пред Џафери со Собранискиот деловник во раце. Откако му даде збор, Апасиев рече дека присуството во Собранието на заразените пратеници е кривично дело.
Но Џафери продолжи со работа и ја почна 36-та седница. Собранието со 115 гласа ЗА,ниеден против и ниеден воздржан, ги изгласа законите од петтиот економски пакет.
Заразените пратеници од изолирани кабини гласаа за законите.
И ВМРО-ДПМНЕ постојано реагираше за непочитување на антиковид прописите.
Собранискиот спикер Талат Џафери рече дека учеството на инфицираните пратеници на пленарната седница е со претходна дозвола од Комисијата за заразни болести.
„На 18 ноември добив решение од Комисијата за заразни болести, со исполнување на протоколот, под одредени услови, пратениците да можат да ја извршуваат функцијата и во такви услови. Тие се изолирани секој во посебна кабина, и се овозможува да влезат и излезат од Собранието немајќи контакт со никого.“, рече Џафери.
Усвојувањето на законите задоцни два месеца, оставајќи илјадници граѓани без плати и на принуден одмор.
