Собранието изгласа Одлука да се продолжи за шест месеци рокот за постоење кризна состојба на територијата на државата заради заштита на здравјето на населението и безбедност од ширење на пандемија од КОВИД-19. Со измени на постојната Одлука, наместо 30 јуни 2021, кризната состојба ќе трае до 31 декември 2021.
Против одлуката гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека е непотребно да се продолжува кризна состојба зашто бројот на заразени е намален и дека тоа се прави за да може да се манипулира на локалните избори во октомври.
Пратеникот Бојан Стојановски во излагањето пред да се гласа побара Владата да им достави аналзи и извешаи за проценка на ризикот од пандемијата и за потребата од дополнително прогласување кризна состојба.
– Таков документ немаме. Оваа кризна состојба може да се злоупотреби за локалните избори. Дали со ова на власта и се дава таква можност, праша Стојановски.
Не беа изгласани предлозите на ВМРО-ДПМНЕ два предлог-закона, за образование и за здравство, да имаат приоритет и да се преместат во првите точки на дневниот ред односно Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование во прво читање да биде 12 наместо 41 точка, а Информацијата во врска со актуелните состојби во здравството со осврт и на кризата предизвикана од коронавирусот наместо 52-ра да биде втора точка, веднаш по одлуката за продолжување на кризната состојба.
Поради неисполнети формални услови, не беше прифатен предлогот на пратеникот Димитар Апасиев од Левица – дневниот ред да се дополни со предлог за измени на Законот за пратеници во одредбите што го уредуваат правото на патни трошоци.
Пред изгласувањето на дневниот ред на 43-тата седница, на кој има 55 точки, пратеникот Апасиев реагираше и на тоа што од собраниска процедура на барање на Владата е повлечен материјалот за Законот за утврдување правен статус на бесправо изградени објекти бидејќи, рече, Владата е овластен предлагач на законот и може да го повлече како предлог, а не како закон за кој веќе се гласало во Собранието и треба повторно да се разгледува од пратениците откако не беше одобрен од претседателот на државата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери одговори дека Владата поднела барање да се повлече предлогот и дека процедурите согласно со Уставот ќе се уредат со измени на Деловникот во рамки на процесот „Жан Моне“.
Собранието прифати по скратена постапка да се донесат предлог-измени на Изборниот закон, поднесен од пратениците Маја Морачанин, Павле Трајанов и Моника Зајова, за дополнување на Законот за земјоделско земјиште, измени на Закон за рамноправен регионален развој, поднесени од група пратеници… Не беа прифатени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се донесат измени на Законота служба во Армијата на РСМ и изменување и дополнување на Законот за тутун.
