Собранието ќе одржи две седници, на дневен ред изборот на Мери Дика Георгиевска за уставен судија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 97. седница, пратениците се очекува да гласаат за предлогот судијката на Апелациониот суд Скопје, Мери Дика Георгиевска, да биде избрана за нов уставен судија.

Во моментов, Уставниот суд работи со седум од вкупно девет судии, што значи дека му недостигаат уште двајца членови за да биде во полн состав. Едното место остана испразнето по оставката на судијата Гоце Наумовски, додека за второто се очекува Собранието да гласа за изборот на Мери Дика Георгиевска, предложена од Судскиот совет.

Доколку изборите не се реализираат навреме, состојбата би можела дополнително да се усложни, бидејќи на 11 јануари 2027 година им истекува мандатот и на уште двајца уставни судии – Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, кој во моментов е и претседател на Уставниот суд.

Во меѓувреме, на дневен ред на 119. собраниска седница се два предлог-закони поврзани со кредити од Светска банка.

Предлог-законот за изменување на Законот за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка) за проектот за изградба на ефикасни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии предвидува откажување на неискористениот дел од кредитот во износ од 19,2 милиони евра. За таа цел, Северна Македонија и Светска банка ќе потпишат анекс на договорот за заем.

На дневен ред е и предлог-закон за нов кредит од 25 милиони евра, наменет за спроведување реформи во управувањето со јавните финансии. Целта е модернизација на системот за буџетирање, сметководство, надзор на државната помош и даночната администрација, во согласност со новиот Закон за буџети и реформските програми за периодот 2025–2028 година.

Кредитот ќе има рок на отплата од 12 години, со грејс-период од три години, а каматната стапка ќе се заснова на шестмесечен ЕУРИБОР со променлива маржа. Отплатата ќе се врши во 18 полугодишни рати, кои ќе доспеваат секој 15 јануари и 15 јули.

Пратениците ќе го разгледаат и Предлог-одлуката за распишување јавен конкурс за именување член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, по скратена постапка.