Изборот на уставни судии е меѓу најважните теми за кои ќе треба да расправаат пратениците откако се вратија од годишните одмори. Собранието денеска и официјално почна со работа, а на координативната средба, собранискиот спикер, Талат Џафери побарал пратениците да ги свикаат комисиите.
-Претседателот Џафери им посочи на координаторите на пратеничките групи од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања со точката за избор на уставните судии, а преостанатите комисии на Собранието на Република Северна Македонија да продолжат со разгледување на преостанатите точки од дневните редови-се вели во соопштението од Собранието.
Уставниот суд работи со само 5 судии, а потребни се 9. На координативниот состанок изостана координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Од партијата информираа дека ќе продолжат со блокада на законодавниот дом.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, пак, Јован Митрески, ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ дека наместо блокади, навреди и попречување на работата, потребен е функционален и ефикасен Парламент.
На денешната средба, Митрески рече дека не станало збор за уставните измени, а ниту пак за најавениот референдум од ВМРО-ДПМНЕ за францускиот предлог.
