Солзи радосници: Малата Бисера родена со само 960 грама, си заминува дома по 82 дена на одделот за интензивна нега на ГАК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По цели 82 дена поминати на одделот за интензивна нега (ОИНТ) при Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, малата Бисера, која се родила во 27 недела со телесна тежина од 960 грама, си заминува дома.

„Денес е ден за солзи радосници, за длабока воздишка и за прослава на најголемата животна победа. По цели 82 дена поминати на одделот за интензивна нега (ОИНТ), нашето мало, а толку големо чудо — малата Бисера, конечно го прави својот најважен чекор и заминува дома, во прегратките на своите родители каде што и е местото“, ссопштија од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство.

Бисера уште од својот прв ден покажала што значи да се бориш без збор, а да кажеш сè. Со секој изминат ден, со секое отчукување на срцето и секој самостоен здив, таа ни одржа лекција за храброст, за волја и за животна сила, велат од ГАК.

„Таа не беше само пациент — таа беше нашата мала хероина, нашата дневна инспирација и потсетник зошто оваа професија е толку света“, се вели во објавата на Клиниката.

Оттаму им честитаа на родителите на несекојдневната трпеливост, тишината која ја носеле со достоинство и вербата која не ја изгубиле ниту за момент. „Вие бевте нејзиниот најсилен столб, а таа вашата најголема светлина’, напишаа од Клиниката.

ОД ГАК имаат и емотивна порака до малата Бисера.

„Сега кога си ги пакуваш невидливите крилја со кои ги прелета сите пречки, ти посакуваме дома да те дочекаат само смеа, топлина, безгрижни денови и прегратки кои никогаш не завршуваат. Расти здрава, жива и среќна, сјај силно и никогаш не заборавај дека уште од првите денови на овој свет покажа дека си вистински победник. Денес ОИНТ испраќа еден мал дел од своето срце дома. Среќен пат кон новиот почеток, мила Бисера!“, напишаа од Клиниката.