Центарот за социјална работа презеде мерки за здгрижување на жена и нејзините три деца од Сингелиќ, по случај третиран со сомнежи за семејно насилство.
Официјалниот документ обезбеден од ТВ21 покажува дека, по разгледувањето на случајот, Центарот за социјална работа му предложил на Судот донесување на заштитни мерки.
Основниот граѓански суд во Скопје го прифатил барањето и донел мерки против Семи Кадри, кои ќе важат 12 месеци.
„Основниот граѓански суд Скопје го одобри предлогот на Центарот за социјална работа на Град Скопје и против лицето Семи Кадри изрече привремени мерки за заштита од семејно насилство. Изречените мерки важат во период од 12 (дванаесет) месеци.“, велат од Центарот за социјална работа.
И покрај одлуката на институциите, Семи Кадри тврди дека никогаш не извршил никакво насилство врз сопругата. Вели дека веќе 50 дена нема никаков контакт со супругата и трите деца. Бара да ги дознае причините зошто не му е дозволено да се сретне со нив.
„Поминаа 50 дена, јас ништо не знам, ниту каде се децата, ниту каде е сопругата. Јас со жената немав ништо, овие ја натерале жената да каже сè за мене. Но јас сакам да излезе вистината, овие не сакаат да ме сретнат со сопругата, затоа што знаат дека таа ќе се помири и ќе ја повлече изјавата.“, вели Кадри.
„Јас никогаш не сум употребил насилство врз сопругата, ви гарантирам дека нема ништо, бидејќи ако бев употребил сила, денес ќе бев во затвор.“
Во писмениот одговор упатен до Кадри, во врска со неговите тврдења дека не добил јасни информации за родителските права, Центарот за социјална работа го повикал на средба во среда, на 06.08.2026 година, во просториите на институцијата.
Од Центарот за социјална работа велат дека постапиле во согласност со законот. Тие не ја откриваат локацијата на жената со трите деца, како што велат, поради безбедносни причини.
„Случајот првично беше пријавен во полиција преку анонимен повик и Министерството за внатрешни работи нè информираше и нас. Со оглед дека стануваше збор за жена со три мали деца, презедовме мерки за нејзина заштита во согласност со Законот за социјална заштита, сè до почетокот на судскиот процес за развод.“, велат од Центарот за социјална работа.
Кадри тврди дека пријавата не е од семејството. Дваесет и шестгодишникот вели дека таа вечер бил приведен во полиција, но, како што додаде, веднаш бил ослободен бидејќи не биле констатирани знаци на физичко насилство врз сопругата. Инаку, ваквите случаи на пријави се зголемени во првите шест месеци од оваа година во државата. Само на 13 јули беа пријавени 9 случаи во рок од 24 часа, со 7 уапсени лица. Според годишниот извештај на Министерството за внатрешни работи за 2025 година, евидентирани се 1.195 случаи на семејно насилство.
