Унгарската влада ќе им додели финансиска помош на дел од возачите во земјата, со цел да им помогне да го надминат наглото зголемување на цените на горивата предизвикано од војната во Иран, пренесува ДПА.
Според владината регулатива објавена во петокот во Службениот весник на Унгарија, сопствениците на возила со дизел-мотор со моќност помала од 110 киловати (150 коњски сили) ќе добиваат по 5.000 форинти (15,7 долари) месечно, од септември до декември.
Цените на горивата во Унгарија значително се зголемија по почетокот на војната во Иран во февруари. Еден литар бензин (95 октани) на повеќето бензински пумпи во просек чини 1,77 евра (1,90 долари), додека литар дизел достигнува до 1,90 евра.
За да ја добијат финансиската помош, сопствениците на возилата нема да треба да поднесуваат барање. Унгарската даночна управа, која ги има и податоците за регистрација на возилата, автоматски ќе им ги префрла соодветните средства на оние што ги исполнуваат условите.
Премиерот Петер Маѓар ја образложи одлуката помошта да биде ограничена само на возачите на дизел-возила со објаснување дека цената на овој вид гориво особено многу пораснала во последниот период.
