Сотирис Минас, грчкиот поет што сам го научи македонскиот јазик, на промоција на книга во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчкиот поет што сам го научи македонскиот јазик, Сотирис Минас, на 19 септември во книжарницата на „Матица македонска“ во Скопје ќе ја промовира неговата книга „Раскинување на договорот“. За книгата ќе говори писателот и книжевен критичар Иван Антоновски.

„Минас не го наследил македонскиот јазик – го избрал. Иако нема македонско потекло, сам го научил, на него ги препеал сопствените песни и својата прва поетска книга ја објавил токму во Македонија, напоредно на грчки и на македонски. Тој избор не останува само израз на наклонетост: станува јавно залагање за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет и за достоинството на луѓето на кои им припаѓаат“, соопштија од Матица македонска.

„Мојата одлука да ја објавам оваа збирка во Македонија, преку издавачката куќа Матица македонска, е свесен чин на правда“, пишува Минас во авторската белешка. И додава: „Ова издание е мој директен судир со деценискиот молк и лаги.“ Двојазичноста за него е практично признавање на македонскиот идентитет, чин на солидарност и повик за заемна почит. Неговата порака е недвосмислена: „Цврсто верувам дека помирувањето започнува единствено преку прифаќањето на постоењето на другиот.“

Неговото читање на песната „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“ на Струшките вечери на поезијата беше поздравено со силен аплауз. Во „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, создадена по инспирација од „Ми го дадоа јазикот – грчкиот“ на Одисеас Елитис, Минас отвора поетски дијалог со македонското паметење. Низ пределите, исчезнатите села и зборовите што опстојуваат, проговорува за правото на мајчиниот јазик како неодделив дел од човечкото достоинство.

„Раскинување на договорот“ е длабоко лична книга за љубовта, загубата, ранливоста и ослободувањето од туѓите мерила. Во нејзиното средиште е човекот што одбива друг да ја определува неговата вредност и да ги поставува условите за неговото постоење.

„Матица македонска“ ги покани читателите, писателите, преведувачите, наставниците, професорите, студентите од цела Македонија на 19 септември, во 12 часот, да му посакаат на македонски добредојде на Минас.