Советот го чека владиниот предлог за Коцевски – Гаши: Во март седница за интерпелациите за членови од Судски совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието наскоро ќе расправа за интерпелациите за петтемина членови на Судскиот совет. Откако Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Селим Адеми, Павлина Црвенковска и Миљазим Мустафа писмено одговорија дека интерпелацијата е преседан и со неа се прави упад во правосудството, сега овие одговори се проследуваат до пратениците.

„Се надевам дека во текот на месец март, се надевам дека во текот на првата и втората недела, ќе имаме свикување на нова седница на која ќе се разгледаат интерпелациите“, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Доколку биде успешна интерпелацијата за членовите на Судскиот совет, сепак тоа задолжително не води до нивна оставка или пак разрешување, а тие наведоа дека не гледаат оправдани причини да ја напуштат функцијата.

Од друга страна пак, она што е извесно е дека доколку помине предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, веднаш ќе се премине на избор за негов наследник. Владата ја започна процедурата за негово разрешување, но и после три дена од владината седница предлогот не е испратен за мислење во Советот на јавни обвинители.

„Најпрвин да го добиеме предлогот, да ги видиме наводите коишто се наведени во истиот, па потоа ќе се произнесеме“, изјави Душица Димитриеска, совет за јавни обвинители.

Од Советот нагласија дека ќе одговорат позитивно или негативно во предвидениот рок од 15 дена. Од Владата истакнаа дека без разлика какво ќе биде мислењето на Советот за работата на Коцевски, предлогот ќе го достават во Собранието, па така не се исклучува можноста и за разрешувањето на државниот обвинител да се расправа во март.