Спасовски: Градбата со Центарот за странци никако не е поврзана со ништо друго, освен со МВР

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градбата со Центарот за странци никако не е поврзана со ништо друго, освен со Министерството за внатрешни работи, посочи министерот Оливер Спасовски во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.

Тој вели дека моменталната зграда на Центарот се наоѓа во Гази Баба.

„Во Центарот се задржуваат странски државјани кои не можат за 24 часа да ја напуштат државата, туку треба да помине одредена постапка. Тоа најчесто се сезонски работници кои што се во државата, граѓани на кои им истекна дозволата за престој во Македонија, забавувачи во угостителски објекти и лица кои се затекнале без никаков документ за идентификација или пак лица кои при контрола на влез во Македонија било констатирано дека користат фалсификувана патна исправа, а додека трае таа судска постапка тие се сместуваат во центрите“, порача Спасовски.

Министерот за внатрешни работи вели дека Центарот во Гази Баба ќе биде затворен кога ќе се изгради новата зграда во Стенковец, на парцела која е на МВР и е целосно финансиран проект на Европската Унија.