Американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, денска престојува во прва официјална посета на Албанија.
Ескобар по пристигнувањето во Тирана, првата средба ја имаше со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, по што изјави дека е среќен за средбата со опозицијата и заложбата што таа ја ветила за интеграција на Албанија во ЕУ.
Побарал, како што рече, и силна посветеност од албанските институции за борба против корупцијата, додавајќи дека очекува наскоро да се сретне со Баша во Вашингтон.
-Многу сум задоволен што сум во Тирана, ова е моја прва посета на Албанија. Среќен сум што се сретнав со опозицијата која ја изрази својата посветеност на интеграцијата во ЕУ и борбата против корупцијата и задоволни сме што сме дел од ова, вклучувајќи ги и нашите силни антикорупциски напори и санкции. За да се претвори ова во реалност, ќе побарам силна посветеност од албанските институции. Со нетрпение очекувам да се сретнам со Баша во Вашингтон што е можно поскоро, рече Ескобар, упатувајќ јавна покана до Баша да ги посети САД.
Според Баша, кој не ги криеше емоците дека е поканет од Ескобар да патува за САД, рече дека на средбата разговарале за случувањата на албанската политичка сцена, корупцијата и состојбите во регионот. Додаде дека „разбирливо“ размениле мислења и околу прогласувањето на Сали Бериша за персона нон грата од страна на САД.
По средбата што ја имаше со Ескобар, министерката за Европа и надворешни работи преку објава на „Твитер“, министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, се заблагодари за поддршката што САД ја дава на Албанија и регионот.
Исто така наведува дека Албанија е посветена на стабилноста и евроатлантските интеграции на Западен Балкан и ја поздравува соработката со американските пријатели и партнери на регионалната агенда. Доцна попладнево е планира средба на Ескобар со премиерот Еди Рама.
