„Спутник В“ последни нарачани, први ќе стигнат, досега „обезбедени“ 2 милиони и 200 илјади дози вакцини

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Модуларната болница во Скопје, е реотворена и ги прими првите пациенти, а земјава се подготвува за пречек и на првите вакцини, кои пак беа последно нарачани.

„Многу веројатно дека во среда ќе започне вакцинацијата, а утре треба да пристигне на скопскиот аеродром околу 14 часот.“, вели Филипче.

Во моментов, болничките капацитети не се загрозени, па затоа и нема потреба од нови рестриктивни мерки, но можноста не е исклучена.

„Анализата ќе заврши на почетокот на следната недела, ги следиме сите овие денови, засега нема потреба од воведување на дополнителни рестриктивни мерки, но воопшто не ја исклучувам можноста на почетокот на следната недела ќе го кажеме ставот согласно таа анализа.“, рече Филипче.

Досега, во земјава се „обезбедени“, односно нарачани 2 милиони и 200 илјади дози, до овој момент нема пристигнато ниту една, освен донацијата од Србија со вакцини од „Фајзер“.

Кенија, Руанда, Судан, Гамбија и Сенегал вчера набавија 2.5 милиони вакцини, фијаско на Заев и Филипче, велат од опозицијата.

„Владата на Зоран Заев и Венко Филипче не доби ништо. Одговорноста е голема, одговорноста ја плаќаат граѓаните со животи. Секој ден во Македонија се умира, а веќе имаме и ситуација каде што 10-15 животи дневно, 10-15 човечки души, 10-15 семејства веќе речиси и да не се вест за Зоран Заев и неговите министри. Тоа е неподнослива леснотија на умирањето“, вели Влатко Ѓорчев.

„Ова бесконечно пролонгирање на имунизацијата на населението, додаваат од таму, покрај тоа што директно ги загрозува животите на граѓаните, сега кога се појавува и третиот бран на пандемијата, исто така крајно ги намалува надежите за постепено отворање на нашата држава и домашната економија“, изјави Орхан Муртезани од Алтернатива.

Инаку, во соседна Србија од денеска па се до понеделник е на сила делумно затворање, а работат само продавниците за храна, аптеки и бензински пумпи.