Србија, Бугарија и Словенија на помош – испратени хеликоптери, пожарникари и возила за гасење на пожарите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Хеликоптери од Србија, противпожарни возила и од Бугарија и Словенија е помошта која досега стигна од другите земји од регионов. Слабата опременост и слабиот капацитет за справување со огнената стихија на земјава ги алармира другите земји да испратат дел од своите ресурси за гасење на пожарите.

По наредба на претседателот на Србија Александар Вучиќ вчера беа испратени четири хеликоптери од кои три се за гасење на пожарите и еден за извидување и координација. Министерството за внатрешни работи на Србија издаде соопштение во кое се вели дека тие веднаш беа упатени во кумановскиот реон, но од изутрина се на помош и во Пехчево.

„Хеликоптерите на Министерството за внатрешни работи кои се ангажирани за гасење на пожарите во селото Дренак, кумановски регион во Северна Македонија, од изутрината имаа 21 прелет и исфрлија околу 25 тони вода. По налог на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во помош на колегите од Северна Македонија и населението, упатени се четири хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, од кои три противпожарни, додека четвртиот служи за извидување и насочување“, велат од МВР Србија.

Помош за гасење на пожарите стигна и од соседна Бугарија со 25 пожарникари и 6 противпожарни возила. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување во Благоевград рече дека по пристигнувањето на бугарските пожарникари, тие веднаш биле вклучени во борбата со пожарите. Се наоѓаат на источниот и јужниот дел од противпожарниот фронт кај Делчево и Пехчево, кој е многу голем и се уште не е локализиран.

„Вчера веднаш по пристигнувањето тука на место ни беа поставени задачи бевме распределени по периметар и почнавме со извршување на противпожарни дејства кои што продолжија до изутринава. Од источната и од јужната страна на фронтот на пожарот, дел од таа страна на пожарот е исклучително голем и се уште не е локализиран од сите страна“, посочи Георги Пармаков.

Помош стигна и од Словенија. Словенечката управа за заштита и спасување испрати 17 противпожарни возила и 46 пожарникари да помогнат во справувањето до пожарите. Во моментов и тие се на терен во Пехчевскиот реон.  Најавено е дека и Австрија испраќа свои екипи и ресурси за поефикасно справување со огнената стихија во земјава.