Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека денеска остварил средба со новиот носител на функцијата шеф на политички и економски оддел Кристофер Зимер, од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.
„Особена чест и задоволство е тоа што имавме можност да размениме повеќе факти во врска со моменталната епидемиолошка состојба и вакцинацијата на населението. На средбата дискутиравме во врска со вклучување на нашата држава во “Global Health Security Agenda” со претставување на Националната стратегија за Здравство на Република Северна Македонија. САД се наш сојузник во целокупниот изминат период на патот кон унапредувањето на здравствениот систем и здравствените услуги за граѓаните. Придонесот реализиран во текот на пандемијата и заедничкото пријателство за нашите граѓани значи многу“, истакна Филипче.
Тој додава дека САД донираше близу 2 милиони долари за зајакнување на здравствениот систем и благодарение на нивната поддршка во неколку наврати, во првиот и во вториот епидемиолошки бран беа надополнети залихите на лична заштитна опрема, како и на техничката опрема која беше неопходна за спроведување на работата на медицинскиот кадар.
„ИЈЗ доби значителна донација на тестови за детектирање на Ковид 19 и дополнителна опрема за контрола и превенција во лабораторијата, како и ПВР машина во реално време (PCR real time) која е од особена важност за нас. Благодарение на сите овие донации се зголеми капацитетот за тестирање и дијагностика на Ковид 19 вирусот. Институтот доби и biosafety level 3 лабораторија и се изврши реновирање на микробиолошките лаборатории, со што сега лабораторијата е единствена во регионот која има можност на соодветен акредитиран начин да детектира секаков тип на патогени предизвикувачи на било каква болест“, пишува Филипче.
