Средба Сиљановска-Давкова и Радев во Софија: „Со дијалог да ги решиме сите отворени проблеми“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Софија е подготвена за дијалог со Скопје – ова го истакна бугарскиот претседател Румен Радев во пресрет на неофицијалната средба со претседателката Гордана Силјановска Давкова, која е во посета на соседите и ќе присуствува на гостување на македонската опера и балет. Радев истакна дека дијалогот не треба да се задржи само на културната и економската соработка меѓу двете земји.

„Ние очекуваме со овој дијалог да се решат конечно и отворените проблеми.“, рече Радев.


Радев предложи и како да се решат отворените прашања.

„Тие следува да се решат врз основа на Договорот за пријателство и добрососедство, потпишаните протоколи и заклучоците на Советот на ЕУ од летото 2022-рата година, усвоени едногласно од сите земји-членки, усвоени и со согласност на Република Северна Македонија, за да може конечно да се отвори патот на нашиот сосед кон полноправна интеграција.“, вели Радев.


Тој ги повика на ваков дијалог и владите на двете земји. Претходно премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ќе се чека стабилна политичка влада во Бугарија, а изборите таму се закажани на 27 октомври.

Со новата Влада во Софија, би се разговарало за деблокада на евроинтегративниот процес, преку можноста за уставни измени со одложено дејство, а според шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски не е потребно да се менуваат преговарачката рамка и заклучоците на Советот на ЕУ за ова да се реализира.


Инаку, Радев истакна и дека на маса ќе се постави прашањето на изградбата на Коридорот 8, како и можноста за негова евентуална официјална посета на Скопје.