Ги земал парите од Камчев, отишол во Србија, добил уште 150.000 евра од музичкиот продуцент Александар Радуловиќ и продолжил за Италија. Вака најверојатно изгледал патот и движењето на парите кои ги имал Бојан Јовановски.
Во судница денеска сведочеше сопругот на познатиот текстописец Марина Туцаковиќ, кој рече дека со Боки се добри пријатели и дека тој бил кофинансиер на 1ТВ. Вкупната сума која ја давал не е позната, ниту пак има докази за тоа. На 21-ви февруари на Јовановски му дал 150.000 евра за да купи лекови, но и гардероба.
„Меѓу останатите разговори зборувавме и за скапите лекарства кои ѝ требаа на мојата сопруга, која во тој период се соочуваше со сериозна болест. Како последица на болеста таа ослабе и во тој период исто така ѝ требаше и нова гардероба. Таа и Бојан на оваа тема беа сродни души, па се договоривме да ѝ набави гардероба од Милано, но и лекови кои чинеа по 12.000 евра, а ние нарачавме за шест – седум месеци. Скапа беше и гардеробата, конкретно не ја знам сумата, бидејќи таму не се мешам, но знам дека на Јовановски му дадовме околу 150.000 евра“, вели Александар Радуловиќ.
Меѓу доказите на Јовановски, нема фискални сметки од лековите. Има писмени изјава од Радуловиќ и Туцаковиќ за дадените пари, потоа доказ за добиени 50 илјади евра од продаден имт на бабата на Боки 13 и решение за денационализација за обештетеување на неговиот дедо во износ од 300.000 евра., како и извештај од болницата Систина, со датум за прием и испис. Одбраната приложи и доказ за позајмица од 125 000 евра од поранешниот фудбалер Стевица Ристиќ.
„Ќе видите дека обвинителството воопшто нема фискални сметки во вистина од 150.000 евра од Бојан Јовановски. Од Бојан нема ниту 1/3 од тие сметки, тие фискални сметки се од други лица ,меѓукои и Бојан Јовановски“, додава Сашко Дуковски.
Судкото рочиште продолжува во четврток кога ќе се презентираат материјални докази предложени од одбраната на Бојан Јовановски. Беше побарано и целата гардероба да се презентира во судница, но судот го одби барањето, па одбраната најави дека преку фотографии со датум ќе докаже дека облеката која сега е запленета е купена пред наводното земањето на 1 милион евра од Камчев.
Следниот петок, судскиот процес ќе продолжи со сослушување на сведоците на Катица Јанева која го има повикано речиси целото специјално јавно обвинителство. На дел од рочиштата ќе биде исклучена јавноста бидејќи ќе се презентираат докази од истраги во СЈО.
