Министерот за одбрана на Србија и претседател на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ изјави дека Црна Гора и Северна Македонија ја навредиле Србија со признавањето на независноста на Косово, нагласувајќи дека тоа претставува мешање во внатрешните работи на една земја.
„Направивте грешка и ќе ви се удри од глава, исто како што ги погоди сите што го промовираа Косово како независна држава во Украина. Ја отворивте Пандорината кутија. Смешни се вашите бирократски одговори дека Косово е sui generis, дека е посебен случај. Ниту Албин Курти, ниту Тирана не ви веруваат во тоа“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк.
Тој вели дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на Голема Албанија, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.
„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Сметаат дека се во НАТО пактот и дека си ги решиле проблемите. Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО алијансата, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи“, рече Вучевиќ.
Тој оцени дека лидерите мора да погледнат „што е во историјата“ и да разберат „што се случува во нивниот двор“.
„Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да кажеме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од моќта во Северна Македонија. Ако е во ред за Македонците, а за нас е во ред, очигледно ќе имате политика која нема да ја гледа Македонија како своја земја“, нагласи тој.
Вучевиќ оценува дека постои сеалбански консензус за сенационално обединување и дека „наивните Срби мислат дека тоа не може да се случи и дека нема промени на границите“.
Тој нагласи дека „отсекогаш важела мантрата дека границите не се менуваат, па се менувале“.
„Не би спиел мирно, но тоа е прашање за Скопје, а Подгорица нека види што ќе прави. Гледам дека сега најголемото прашање за нив е дали на српските партии, или на српската партија или на коалицијата им се дозволува да дојдат на власт со, условно кажано, некои мали министерства. Во Северна Македонија, 25 отсто од Албанците имаат 50 отсто од владата, а во Црна Гора 30 отсто од Србите не можат да имаат две министерства или дури едно. Велат се мешаме во внатрешните работи. Ни се мешате во внатрешните работи – го признавте Косово, има ли полошо, понепристојно и поотворено мешање во внатрешните работи“, заклучи Вучевиќ.
