За три години, колку што беше оваа влада на власт не успеа да распореди на работни места над 900 административци кои седат дома, а примаат плата.
Државниот секретар во Министерството за администрација и информатичко општество, Азем Авзиу вели дека еден дел од нив веќе се распоредени, додека сега се прават планови за соодветни работни места за останатиот дел.
„Последната одлука за беше за 900 административци, некаде околу 400 се распоредени, другите се во процедура, значи се прави усогласување на систематизацијата на институциите со работните места и професионалното образование“, истакна Азем Авзиу.
Систематизацијата на првата група од 900 “домашни административци“ ја ветија функционерите на ДУИ уште пред две години.
„Определивме еден период, релативно дека за еден до два месеци може да завршиме со првата група“, истакна Хазби Лика.
Сега дојдоа избори, а систематизацијата не е завршена, ДУИ постојано зборуваше за праведна распределба по институциите, сега повторно има простор овој процес да го искористи за предизборни ветувања.
„Ова е и останува приоритет и на идната влада, значи начелен приоритет е на ДУИ овој процес да се заокружи што е можно поскоро. Ќе биде еден од приоритетите на ДУИ по изборите на 12 април овој процес да се заокружи во целост и тоа со што побрзо темпо“, посочи Азем Авзиу.
Интегративците велат дека бројот на административци Албанци веќе достигнал 25 илјади, односно околу 20% но опозициската АА не се согласува со овие бројки. Преку реакција од таму велат дека на централно ниво е најмалку 18%, додека на раководни места се 5%. Последните податоци покажуваат дека во јавниот сектор има 140 ,илјади вработени. Над 21 илјада се Албанци.
