Стармер инсистира на следни избори и на приближување кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кир Стармер јасно стави до знаење дека има намера да ја предводи Лабуристичката партија и на следните парламентарни избори, и покрај зголемениот притисок во рамки на неговата партија. Во интервју за „Мирор“, британскиот премиер изјави дека продолжува со „10-годишен проект за обновување“, фокусиран на справување со кризата со трошоците за живот и изградба на посилна економија за граѓаните.

Стармер најави и поголемо приближување на Обединетото Кралство кон Европската Унија, нагласувајќи дека младите треба да имаат повеќе можности за работа, студирање и патување во европските земји. Тој се очекува во понеделник да одржи важен говор за односите со ЕУ.

Во меѓувреме, состојбата во Лабуристичката партија останува тензична. Пратеничката Катрин Вест му постави ултиматум на кабинетот до понеделник да преземе чекори во врска со лидерството на Стармер, во спротивно најави почеток на трка за лидер на партијата.

Според неа, досега обезбедила поддршка од 10 пратеници и има цел да ги собере потребните 81 потпис за да го предизвика Стармер.