Статус-кво за законот за бранителите – Мицкоски: Илире Даути треба да го стави предлогот на дневен ред

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот од „Вреди“, Арбен Таравари со различни ставови дали предлог Законот за бранителите воопшто треба да се најде на дневен ред во Комисијата за социјална политика. Оваа точка на дневен ред претходно одби да ја постави претседателката на Комисијата од Европскиот фронт, Илире Даути.

„Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка“, вели Мицкоски.

Н: Но, Илире Даути не го стави на дневен ред на комисиска расправа Законот за бранителите. Фактички тој е во фиока, што сега?

„Ќе треба да ја прашате Илире Даути … па треба да го стави на дневен ред.“

Ако предлог законот не биде ставен на дневен ред од страна на претседателката, новиот собраниски Деловник овозможува тоа да го стори спикерот Африм Гаши. Сепак, извесно е дека тоа нема да се случи.

„Мислам дека таа точка сега засега нема ни да се третира, нема ни да помогне, меѓутоа ништо трагично – зошто толку драматизираат? Овие партии што се опозициски, особено албански, сите, имаат изгласано шест пати таков закон. Мислам дека не е моментот за тоа да се разговара.“, вели Арбен Таравари.

Предлогот го поднесе пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, а од партијата повторуваат дека ако Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ дава недвосмислена поддршка за Законот бранителите има можност тоа да го докаже. Според социјалдемократите, Мицкоски треба да му се јави на Гаши, да му порача да го почитува Деловникот и да го стави Законот на комисиска расправа.

Предложените измени предвидуваат зголемување на месечните надоместоци за припадниците на Армијата кои учествуваа во конфликтот во 2001 година, а завршија со инвалидитет, односно за семејствата на оние што го загубиле животот. Дел од партиите пак, на потегот гледаат како на обид за создавање меѓуетнички конфликти.