Стојаноски: Македонија заслужува да има предвидлив пат, без дополнителни отстапки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека Владата останува отворена за дијалог за европските интеграции, но дека државата заслужува јасен и предвидлив пат кон Европската Унија.

Според него, по 26 години на евроинтегративниот пат и бројните отстапки што ги направила земјата, граѓаните имаат право да знаат кога и под кои услови ќе заврши процесот на пристапување.

„Република Македонија заслужува да има предвидлив пат, без дополнителни отстапки. Не бараме привилегии, туку да бидеме вреднувани според реформите и резултатите, а не според билатерални прашања“, рече Стојаноски.

Осврнувајќи се на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, тој посочи дека е важно што биле препознаени реформските процеси во земјата, но повтори дека Владата нема да прифати нови отстапки без јасни и писмени гаранции од Европскиот совет.

Стојаноски додаде дека очекува односите со Бугарија да се темелат на реципроцитет и почитување на европските стандарди, вклучително и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.