Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека Македонија останува меѓу најуспешните земји од Западен Балкан во спроведувањето на обврските од Реформската агенда.
Тој посочи дека во последните четири циклуси на оценување на напредокот, земјата трипати била рангирана на првото место, а еднаш на второто место во регионот.
„Уверен сум дека и за периодот од јануари до јуни повторно ќе бидеме први. Во Собранието веќе се работи интензивно на законските решенија што произлегуваат од Реформската агенда“, рече Стојаноски.
Тој најави дека на 10 јуни ќе се одржи собраниска седница на која ќе бидат поднесени и усвоени повеќе реформски закони што се дел од обврските на државата кон Европската Унија.
Според Стојановски, единствениот сегмент каде може да има доцнење е Изборниот законик, но нагласи дека сите останати законски решенија ќе бидат донесени во предвидените рокови.
„До крајот на јуни ќе реализираме речиси сè што е предвидено со Реформската агенда, што ќе овозможи државата да повлече повеќе од 100 милиони евра средства“, истакна тој.
Стојаноски оцени дека според степенот на реализација на реформите, Македонија е вистински лидер во регионот и ги исполнува своите обврски побрзо од другите земји од Западен Балкан.
