Столтенберг: Идеи за промена на граници не се добри – Пендаровски: Никој во ЕУ и НАТО не го поддржува нон-пејперот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг не сакаше да го коментира нон-пејперот бидејќи како што рече таков документ не видел, туку за него слушнал само од медиумите. Сепак порача дека било какви шпекулации за промена на границите не придонесуваат за стабилноста во регионот. Столтенберг ова го истакна на заедничката прес конференција со претседателот на Македонија Стево Пендаровски кој е во неколкудневна посета на Брисел.

„Најнапред не е мое да коментирам нешто што не сум го видел. Но она што е најважно е дека било какви шпекулации во врска со промена на граници само ќе придонесе кон несигурност и ризикот за стабилноста во регионот. Затоа мислам дека било какви шпекулации за тоа не се од помош.“, вели Столтенберг.

Претседателот Пендаровски истакна дека и претходно тој многу отворено и гласно говорел дека ова се многу опасни идеи. Тој во текот на вчерашниот ден разговарал за овој документ и со високи личности во Европската унија, како и денеска со генералниот секретар на НАТО при што бил уверен дека никој не ја поддржува таквата идеја.

„Никој, би сакал да нагласам, ниедна Влада не го поддржува овој нон-пејпер. Фактот дека авторот на овој нон-пејпер не е јавно познат, сосема јасно докажува дека дури и тој е засрамен од ваквата идеја“, рече Пендаровски.

Во однос на спорот меѓу Бугарија и Македонија, генералниот секретар на НАТО ги повика двете страни да најдат решение. Секогаш имало разлики меѓу 30-те сојузниците, но ние секогаш се ангажираме преку дијалог да промовираме заедништво кога постојат разлики, истакна Столтенберг.

Пендаровски е втор ден во посета на Брисел беше во посета на седиштето на НАТО, каде со првиот човек разговарале за предизвиците на алијансата, особено оние кои доаѓаат од Русија и Кина.