Стопанската комора предлага 13 неработни денови, празниците во недела да не се префрлаат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стопанската комора на Македонија наскоро до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се намалил на 13.

Предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку промена на начинот на користење на дел од неработните денови. Според Комората, при засновање на работен однос, вработените би избирале два празника од оние што се однесуваат на одредени верски или етнички заедници.

Втор предлог е празниците кои се паѓаат во недела да не се префрлаат како дополнителен неработен ден во понеделник.

Од Комората велат дека иницијативата е резултат на долгогодишните барања на работодавачите, кои сметаат дека големиот број неработни денови создава организациски и финансиски тешкотии и влијае врз продуктивноста.

Анализата на Комората, која опфатила 36 европски економии, покажува дека во околу 70 проценти од нив има меѓу 11 и 14 државни празници и неработни денови. Македонија има 11 неработни денови за сите граѓани, а со дополнителните пет денови за припадниците на православната вероисповед бројот достигнува 16.

Од Комората посочуваат и дека во повеќе од половина од анализираните европски земји празниците кои се паѓаат за време на викенд не се префрлаат на првиот работен ден.

Според Димовска, дополнителен проблем е тоа што продолжените викенди често се користат за патувања во странство, со што дел од потрошувачката и приходите се одлеваат во други економии.