Ова е учебникот по социологија за втора година гимназија, кој ги учи учениците дека Ромите, Албанците и Турците во Северна Македонија раѓаат по многу деца бидејќи, како што е напишано, голем процент од оваа популација, особено тие кои се недоволно образовани, се репродуцираат според старата традиција, без контрола на раѓањата. Освен тоа, учебникот ги учи гимназијалците дека за ова треба да се преземат мерки.
„Да се најде начин наталитетот да се доведе во нормални рамки. Кај оние етнички групи (Македонците) каде природниот прираст на населението е низок, треба да се стимулира бидејќи диспропорцијата на наталитет присутен кај различните етнички групи негативно се одразува на политички, економски и социјален план“, стои во учебникот по социологија.
Професорот по социологија Али Пајазити вели дека ова е анти- научен пристап надвор од социологијата каде ентитетите во општеството се третираат како да се од втора категорија, задирајќи во правото на секој човек да има наследник. Никој не може да даде проценка кој е нормалниот број деца, вели тој.
„Фертилитетот и прашањето на наталитетот кај Албанците се такви поради нивниот начин на живеење и поради нивното сфаќање на поимот семејство. Додека кај Македонците е поинаку и тоа е природно и нема никаква можност тоа да се оспори и некој да биде етикетиран и да се означи дека Албанците се примитивни како народ кој се уште не е модернизиран и се уште не преминал во нуклеарното семејство“, вели Али Пајазити.
Пајазити вели дека текстот итно треба да се повлече бидејќи предизвикува предрасуди и стереотипи. Истото од МОН го побара и Хусрев Емин, претседател на Сојузот на Турците во Македонија. Тој вели дека жално е што децата треба да учат социологија од такви учебници, од болни фашистички умови.
Еден ваков школски текст, Акиф Каримани од здружението Романо Авази го потсетува на една црна страница од историјата на Ромите, кога кралицата Марија Терезија и други низ Европа во 18 век воделе политики за стерилизација, забрана на бракови и други програми.
Кариман вели дека е разбирливо тоа што во секое општество има поединци со фашистички идеи, но тоа што зачудува вели е тоа што МОН дозволило ваков текст да биде дел од образовниот процес.
ТВ21 побара став од министерката за образование, Мила Царовска, и заменик министерот, Арафат Шабани, во врска со тоа дали ќе преземат нешто за повлекување на текстот, но не добивме одговор.
Ова четиво за прв пат е пуштено во 2002, но и во 2020 МОН ја продолжило дозволата за употреба на истото.
