Струга и Охрид во дефицит од педијатри – 5 педијатри во Струга покриваат две одделенија со работно време 24/7

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„ГОСПОД ДА НИ Е НА ПОМОШ СО ДЕТСКО ОДДЕЛЕНИЕ СТРУГА…… СЕКОЈ  ДЕН СЕ ПОВЕЌЕ ПАЦИЕНТИ.. СЕ ПОМАЛКУ ЛЕКАРИ… ОВА ВЕЌЕ НЕ СЕ ИЗДРЖУВА. Во име на детско одд. СТРУГА го молиме господинот Премиер, министерот за Здравство , директорите на општите болници Струга и Охрид .. Да се најде решение.. А све ова за здравјето на најмалите и најмилите… За децата ( нема потреба од лајкови.. Само да се тагнат Министерот и директорите.. За да се преземе нешто конкретно…)“

Ова е фејсбук-статусот на педијатарот Вулнет Бектеши! Ваквата алармантна ситуација во струшката болница трае веќе некое време. Во оваа здравствена установа која функционира со само 5 педијатри кои работат во смени, се хоспитализираат деца од Охрид, Преспа, Дебар и други места.

Раководителот на Одделот за педијатрија, др.Влатко Мицкоски се согласува со статусот на неговиот колега. Вели дека имаат премногу работа, но продолжуваат да работат, порачувајќи дека никој нема да остане без укажана лекарска помош.

Др.Мицкоски додава дека одделението функционира со 5 лекари во три смени и дека ова претставува голем товар за нив, имајќи предвид дека 5 педијатри држат два оддела 24/7 на ден.

Над 100 пациенти секојдневно се обраќаат за помош во струшката педијатрија, особено сега во сезона на вируси. Во Охрид има само двајца лекари-педијатри кои работат во две смени, а одделението речиси една година е вон функција за хоспитализација на пациенти. Оваа ситуација е резултат на тоа што пред 10 години не се праќале лекари да специјализираат педијатрија.