Имаат езеро, но не и вода за пиење. Жителите на Струга се соочуваат со недостиг на вода. Надлежните велат дека ваквата состојба е последица на дотраената водоводна мрежа.
Директорот на Општинското претпријатие за водовод и канализација, Дашмир Насуфи, рече дека имало неколку дефекти на местата каде што биле поставени нови вентили. Вели дека прават планови и проекти, но дека немаат средства за да ја изградат целата мрежа од почеток.
Екипата на ТВ21 ја посети населбата Мислешево. Мештаните велат дека овој проблем не е од пред неколку денови, туку дека ова се случува често, особено во текот на летото. Додаваат дека или купуваат вода за пиење или полнат од соседните села.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вели дека веќе имаат проект за решавање на овој дамнешен проблем.
Еден дел од Струга, но и околните села со години имаат проблем со снабдување со вода, а состојбата се отежнува во текот на летната сезона, кога градот се полни со туристи.
