Струјата ќе поскапи, најмногу до 3%?! Сите енергетски компании бараат зголемување

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ако има зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата од јануари, тоа ќе биде незначително, до 3 проценти. Откако првично уверуваше дека ќе нема покачување, премиерот Христијан Мицкоски, денеска отиде чекор наназад од претходните изјави.

-Не очекувам да има зголемување од не знам 10-15-20 проценти, како што е тоа случај со многу држави во регионот и Европа. Очекувам да биде, ако има да биде незначително во рамките на од 1 до 3 проценти, толку отприлика, не очекувам поголемо од тоа да биде, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Изјавата доаѓа на неколку денови пред доставување на понудата на Електрани на Македонија за цената на електрична енергија по која ќе ја испорачува до Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Мицкоски вели се прават анализи, но цената ќе биде меѓу 58 и 62 евра за мегават час. До сега се испорачува по 60 евра

На регионалната берза ХУПЕКС, цените деновиве рушат рекорди како во времето на енергетската криза. Сега пак одат до 300, а во пикот и 450 евра за мегават час.

Енергетските компании веќе ги доставија пресметките до Регулаторната комисија за енергетика – сите бараат повисоки цени за своите услуги. МЕМО бара зголемување на цената за речиси 80%, а МЕПСО за околу 50 проценти.

-Такви големи поскапувавања апсолутно никогаш не биле прифатливиза Регулаторната комисија за енергетика. Она што го гледаме сега како факт е дека голем број на мали потрошувачи излегле се вратиле пак назад на слободниот пазар на електрична енергија што прави одредени притисоци на цената на електричната енергија, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Но, ова се само дел од влезните параметри во новата цена на струјата. Каква ќе биде, најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум, но и по која цена ќе се покриваат загубите на струја во МЕПСО и Електродистрибуција.