Онаа со која раководи Арбен Таравари или Зијадин Села? Која Алијанса за Албанците ќе ја признае Државната изборна комисија кога ќе дојде време за поднесување на листите?
„Во моментот на поднесување на листата, еден од условите за поднесување е Решение од надлежен суд за регистрација. Во моментот кога решението ќе го достави Судот….“, вели Дитмире Шеху.
Од ДИК веќе појаснија дека при поднесувањето на листи се доставува и Договорот за коалиција, заедно со потврдата од Централниот регистар и решението од надлежниот суд за регистрација на политичката партија.
Ова е документот на Централниот регистар кој ги прикажува промените низ годините на Алијанса за Албанците. Последната промена е направена на почетокот на 2023 година, каде како носител фигурира Арбен Таравари, со одлука на Судот во Тетово. Но, ова можеби нема да остане така, поради поделбата на Алијанса за Албанците на две групи – крилото што го поддржува Таравари и крилото што го поддржува Села. Со разрешувањата од партиските функции, пак, што си ги направија меѓу себе, сега останува тетовскиот суд да одлучи чија е партија.
Пред неколку дена од таборот на Таравари за ТВ21 изјавија дека нема да се занимаваат со тоа на кого ќе му припадне партијата и дека ја чекаат одлуката на судот. Но, ТВ21 од извори во тетовскиот суд дознава дека крилото на Таравари веќе ги доставило одлуките од вонредниот Конгрес.
Ова, во текот на неделава се очекува да го стори и крилото на Села.
„До крајот на неделата целата потребна документација од последниот Конгрес ќе биде доставена до Суд“, велат од АА, крило на Села.
Потоа останува Основниот суд во Тетово да одржи седница на која ќе донесе одлука.
Пред неколку дена, гостувајќи во емисијата „Клик Плус“, Таравари изрази уверување дека аргументите се на негова страна како легитимен претставник на партијата, но истото го велат и од групата на Села, кои в недела го разрешија Таравари од функцијата – претседател на партијата и го избраа новиот партиски лидер, Зијадин Села, кој, пак, претходно на Конгресот свикан од Таравари беше разрешен од функцијата – претседател на Централното собрание.