Судир меѓу Скопје и Софија околу акциониот план за малцинствата: Македонскиот јазик во центарот на дебатата

НАЈНОВИ ВЕСТИ


„Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопје од европскиот консензус за 2022 година“ – со овој наслов, бугарското Министерство за надворешни работи реагираше на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека на Бугарија ѝ пречи фактот што Акциониот план за малцинства, испратен од Македонија до Софија, е на македонски јазик. Во одговорот објавен синоќа на официјалната веб-страница на бугарското МНР се наведува дека прашањето на кој јазик треба да биде Планот за права на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Тие додаваат дека Планот за права на заедниците е чекор што треба да се следи по вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија, што сè уште треба да се направи и што ќе ѝ овозможи на Северна Македонија да ги отвори преговорите за пристапување.

-Република Бугарија со загриженост ги забележува неодамнешните тези на властите во Скопјe, кои значително отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година. Документот ќе го спроведуваат нејзините институции кон своите граѓани и логично е да биде на јазик разбирлив за нив. Изборот на Скопјани да им го презентира нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е наменет навистина да се спроведе“, велат од бугарското МНР.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија реагираше на ова, наведувајќи дека Нацрт-акцискиот план за заштита и унапредување на правата на заедниците е подготвен на македонски и англиски јазик од локални и меѓународни експерти, во тесна консултација со Советот на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасни мерки, рокови и одговорни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди.

-Советот на Европа и Европската комисија нагласија дека документот ги вклучува сите релевантни европски и меѓународни стандарди. Загрижувачки е што, наместо да биде добредојден како конструктивен чекор напред, документот станува предмет на апстрактни и неосновани коментари од Бугарија, кои не придонесуваат за градење доверба меѓу двете држави. Наместо неосновани коментари, очекуваме европско однесување од нашите соседи, вклучително, меѓу другото, целосно почитување и признавање на македонскиот јазик-велат од македонското министерство за надворешни работи.

Реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи доаѓа по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој во неделата нагласи дека Акцискиот план бил завршен пред неколку месеци, со вклучување на европски експерт, но дека Софија го отфрлила, бидејќи според него, Планот бил на македонски јазик . Мицкоски рече дека жали за ова, но нема друг јазик.