Судир во Советот на Тетово за градежно земјиште – ДУИ обвинува за продажба по 1 евро, ВЛЕН ги негира тврдењата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 13-тата седница на Советот на Општина Тетово, советниците на ДУИ со транспаренти протестираа во врска со програмата на Општина Тетово за управување со градежното земјиште. Сепак, оваа точка од дневниот ред помина со 16 гласа. Според советникот Берат Мурати, Општина Тетово го продава градежното земјиште по едно евро за метар квадратен.

„Имавме жестока и многу демократска дебата, каде што протестиравме и со демократски средства против продажбата на јавниот имот, односно продажбата на имотот на Општина Тетово. Но, како што гледате и самите, тие (ВЛЕН) ги обезбедија тие 16 гласа за… за продажба на јавен имот по цена од 1 евро, на пример за Сараќино, со вредност од 38.000 евра за површина од 38.000 метри квадратни, што е скандалозно. Тие се правдаат дека тоа е само почетна цена и, како што изгледа, лично ме предизвика мене, како и мојата партија. Јас ќе го прифатам предизвикот и ќе видиме дали тој имот веќе е продаден. Но, времето ќе покаже и ќе го докажеме тоа.“, вели Берат Мурати.

Советникот Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“ вели дека граѓаните треба да знаат кои парцели се во сопственост на општината.

„Ова е програма за управување со градежното земјиште. Општината има обврска да донесе годишна програма, која може да ја менува, да додава точки или да ги повлекува. Тоа не значи дека општината ќе ги продава земјиштата, но граѓаните треба да знаат и да бидат информирани кои парцели се во програмата за продажба. Бидејќи неколку седници по ред барав од секторот за урбанизам да се стави во функција проектор за граѓаните да знаат, а тоа не се прави, тогаш сме принудени ние да им покажеме кои се тие парцели.“, порача Агрон Арифи.

Но, Алби Ќамили од ВЛЕН вели дека Општина Тетово нема да продава земјиште по 1 евро за метар квадратен, притоа обвинувајќи дека актуелниот ценовник бил донесен токму од ДУИ во 2016 година.

„Навистина е смешно и зачудувачки кога советници од партија која продала половина град по цени што им одговарале на нивните олигарси, денес нè обвинуваат дека продаваме парцели и земјиште по 1 евро за метар квадратен. Во меѓувреме, самиот ценовник и правилникот за цени се донесени кога токму тие биле на власт – значи, овој закон е усвоен во 2016 година – а денес нè обвинуваат нас. Тоа не е вистина. Треба да се има предвид дека за време на нивното владеење оставиле 13.000 дивоградби, додека ние денес сè што правиме, го правиме по план. Им овозможуваме на граѓаните сè што градат да го градат според план и нивните објекти да имаат дозволи.“, вели Алби Ќамили.

Точки на дневниот ред беа и годишниот извештај на ЈКП „Тетово“ Тетово, како и покривањето на загубите на ова претпријатие.