Судијката Добрила Кацарска го одложи денешното рочиште за предметот „Транспортер“ и рече дека Судот нема да дозволи одложување на идните рочишта, и да се одолговлекува судењето.
По добиената медицинска документација, дека првообвинетиот поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески се наоѓа во болница, Судот најави дека ќе стапи во контакт со битолската болница и со специјалист ќе ја провери медицинската документација.
„Документацијата ќе биде проверена, и доколку се работи за намерно одолговлекување на постапката, Судот ќе одреди мерка притвор за секој кој ќе се обиде да го направи истото.“, рече Кацарска во судница.
Во „Транспортер“ обвинети се поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.
