Судот во Пакистан го ослободи осудениот за убиството на новинарот Перл

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Врховниот суд на Пакистан денеска наредил ослободување на британски државјанин со пакистанско потекло, кој мина скоро две децении во затвор за наводно организирање на киднапирање и брутално убиство на американскиот новинар Даниел Перл.

Перл, дописник на јужноазискиот Волстрит журнал (WSJ) со седиште во Њу Делхи, бил киднапиран во 2002 година во пакистанскиот град Карачи, каде требало да интервјуира еден лидер на исламистите. Но, Перл бил брутално убиен со обезглавување.

Судијата Мушир Алам наредил обвинетиот за убиството, Ахмед Омар Саид Шеик, веднаш да биде ослободен од затвор, со што ја поддржал пресудата на покраинскиот суд минатата година.

„Судот нареди ослободување на мојот клиент“, потврдил адвокатот Мехмуд Ахмед Шеик.

Провинцискиот суд Синд ја поништил смртната казна на Саид Шеик за убиство на новинар на Волстрит журнал, но регионалната влада и родителите на убиениот новинар ја обжалиле пресудата до Врховниот суд.

Судот во Синд донел одлука дека смртната казна на Шеик се заснова на недостиг на докази, осудувајќи го на седум години затвор, кои тој веќе ги издржал.

Едно време, судот го прогласил Шеик за виновен за киднапирање и убиство на Перл и го осудил на смрт. Тројца негови соработници добиле доживотни казни затвор.

Новата пресуда значи дека Шеик сега ќе биде веднаш ослободен по 18 години затвор.