Наќе Георгиев која вчера доби судска пресуда од тригодишна затворска казна поради примање поткуп повеќе не е врховен судија, одлучи Судскиот совет. Претседателката на Совет Весна Дамева рече дека не смее да се дозволи корумпирани судии да го уриваат достоинството на другите судии и ги повика сите оние кои имаат сознанија да пријавуваат случаи.
„Ако го санкционираме сето ова нема да дозволиме корумпирани судии кои го потонуваат и го газат судството да дозволиме да останат и ќе ги принудиме со наведнати глави, засрамени, ако воопшто имаат срам да судницата во која што требале да делат правда да ја заменат со затворски решетки“, вели Весна Дамева.
Судијката Антоанета Димова, иако не коментираше во детали, сепак рече дека не е задоволна од изречената казна против врховниот судија Наќе Георгиев.
„Сметам дека за судиите мора со закон да се изрекуваат построги казни. Судија од кој се очекува правда, ние знаеме каква била казнената политика има полицајци фаќани со мито, други луѓе и добро е што е осуден но сметам дека оваа казна не е соодветна на она што е направено“, вели Антоанета Димова.
Јасна е спрегата меѓу судско-обвинителскиот систем и едни тефтерчиња од минатото беа заменети со други тефтерчиња од Бихачка и од Речица, изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги спогодбите на Обвинителството со Иџет Мемети и Наќе Георгиев.
Тој рече дека за прв пат со докажало дека има корумпирани судии во Врховниот суд пред изборите кога Министерството за внатрешни работи од техничката влада спроведе истрага.
„Ако вие имате корумпирани судии кое што се во највисокото тело а тоа е Врховниот суд тогаш можете да замислите што се случува надолу. Понатаму, во истрагата се потврди дека не бил сам врховниот судија туку и лицето за кое што исто така постои спогодба со Обвинителството а тоа е Иџет Мемети, ако не се лажам како претседател на Советот на јавни обвинители. Така што тука е јасна спрегата меѓу судско-обвинителскиот систем кај нас и затоа довербата ни е 2 проценти, затоа што дни тефтерчиња од едно минато се заменија од други тефтерчиња, само овие се од Струмица, од Бихачка и од Речица“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот Мицкоски уште претходно најави дека ќе бара распуштање на Советите на судиите и на јавните обвинители.
