Без образложение уште еднаш се одложи итната седница на Судски совет за избор на претседателот на овој орган. За разлика од првиот пат, кога седницата се одложи со гласање и образложение дека сите членови на Советот сакаат да бидат присутни кога ќе се избира наследникот на Весна Дамева, овој пат информираа само преку многу кратко соопштение.
-439-та итна седница која беше одложена за ден 02.05.2023 година (вторник) во 11:00 часот се одлага. За денот и часот на одржување на седницата дополнително ќе биде објавено соопштение-велат од Судскиот совет.
Не се знае кога ќе се одржи следната седница. Побаравме одговор и од потпретседателот Селим Адеми за причините за одложување уште пред да почне седницата, но тој не ни одговори.
„Советот на неопределено време ќе остане без претседател, а според неофицијални информации одложувањето на денешната седница е поради немањето 8 гласа за избор на нов претседател на овој совет.“, вели репотерката на ТВ21.
Според Законот за судски совет, незаконски беше и разрешувањето на Дамева бидејќи според член 8 став 4 од Законот за судски совет, за разрешување или избор, најмалку се потребни 8 гласа, а Дамева беше разрешена со само 7. Исто така, според Уредбата на Советот, предлагачот, во случајов нејзиниот заменик Селим Адеми, не треба да гласа, а тоа значи дека Дамева е разрешена со само 6 гласа бидејќи гласот на Адеми е неважечки.
