Судските дела застаруваат поради вирусот, се бара метода за онлајн судење, но колку ќе биде ефикасна?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поради Ковид-19 некои предмети во Кривичен суд можат да застарат или да бидат вратени од почеток, изјави првиот човек на Судот, Иван Џолев, кој додава дека поради коронавирус многу рочишта се одложуваат.

И судијката во Основен суд, Емилија Шопар-Јованова, потврдува дека во последните две недели се случува речиси секој ден да се одложува по едно рочиште, како резултат на состојбата со коронавирус.

Џолев вели дека ги загрижува фактот што делата можат да застарат или пак да бидат вратени од почеток и бара законско решение од страна на извршната власт.

Околу идејата за онлајн судења, првиот кривичар, вели дека е одлична идеја, но како што додава, за нивна реализација потребни се законски измени и соодветни услови. Нагласува дека само прекршочните предмети можат да се судат во онлајн формат.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, вели дека е тешко преку онлајн судење да се обезбеди веродостојноста на целата постапка.

Саити вели дека околу спроведувањето на онлајн судења досега не разговарале со Министерството за правда, бидејќи сѐ уште е само идеја и нема ништо поконкретно. Џолев додава дека Кривичниот суд не поседува доволно компјутери, проектори и други уреди, но дека во еден ден можат да се организираат од 2 до 3 онлајн судења.