Сведочење на Милевска-Стефановска: Обезбедувањето морало да реагира на присуство на малолетници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, претседателката на Комората за приватно обезбедување, Верица Милевска-Стефановска, сведочеше за законските процедури за добивање лиценца, обврските при склучување договори и улогата на обезбедувањето при контрола на присуството на малолетници во објектите.

Милевска-Стефановска појасни дека Министерството за внатрешни работи издава дозволи за работа во секторот приватно обезбедување врз основа на строго утврдени критериуми. Според нејзините објаснувања, компаниите мора да имаат одреден број обучени работници со легитимации, а договорите за обезбедување се склучуваат исклучиво во писмена форма.

Сведокот истакна дека обезбедувањето има право и обврска да реагира при откривање на општо-опасни средства, а особено да постапи доколку забележи присуство на малолетници по полноќ, или барем да го извести сопственикот на објектот. Таа потврди и дека употребата на пиротехника претставува значаен безбедносен ризик, кој, според претходните истражувања, бил клучен фактор за брзото ширење на огнот во дискотеката.

Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, при што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Денешното рочиште е дел од продолжувањето на доказната постапка, која ја води тим од 15 јавни обвинители.