На вонредна конференција пред Уставниот суд, ДУИ најостро ја осуди одлуката со која се забранува декларирање етничка припадност при вработување во јавните институции, бидејќи како што рече потпретседателот Арбр Адеми, оваа одлука претставува директен напад на правата на заедниците и ќе има сериозни последици за правично и еднакво функционирање на институциите. Тој го повика меѓународниот фактор да реагира на одлуката, а постави прашање до владината коалиција ВРЕДИ:
-Не 24 часа, туку 48 часа. Ве молиме излезете пред јавноста, кажете ни – каков ќе биде правниот механизам што може да следи правична и соодветна застапеност, кога овој политички суд, кој ги спроведува програмите на моноетничка влада, носи такви одлуки со кои се елиминира декларирањето на етничката припадност? Кој е?! Еве јас како правник – ги предизвикувам и ги прашувам, можеби се креативни и можат да дадат одговори, изјави Арбр Адеми од ДУИ, Европски фронт.
Ова прашање му беше поставено на претседателот на АА од редовите на ВРЕДИ, Арбен Таравари, но неговиот одговор не беше конкретен како ќе се гарантира правичната застапеност преку Законот, без механизам во форма на калкулатор, како што е Балансерот за да се измерат процентуално вработувањата на етничка основа.
-ДУИ беше на власт 22 години, потпретседателот на ДУИ треба да знае, верувам дека знае дека беа на власт 22 години, зошто не ги средија овие работи и ги оставија така. Тие го контролираа секој агол на државата и власта. Имаа апсолутна локална и централна власт. Тие требаше веќе да ги решат овие проблеми, а не да не остават да се занимаваме со овие проблеми, па бидејќи тие ги оставија и не ги решија, ние сме оставени да ги менаџираме овие кризни состојби, кои тие не ги решија со години, вели Арбен Таравари од АА, ВРЕДИ.
Таравари рече и дека иницијативата за укинување на билансерот постои од пред 5 години, но според него Уставниот суд одлучил да го проблематизира целото прашање за овие 100 дена од новата Влада. Тој додаде дека најавениот Закон за рамноправна застапеност е веќе подготвен, дека добиваат мислења од меѓународни експерти, а потоа ќе биде процесиран во Собранието. Според Таравари, Законот ќе биде многу подобар од Балансерот.
