Таравари го обвини Мицкоски дека политички ја слабее ВЛЕН – Мицкоски: Нашите односи се добри, Таравари и тогаш и сега се вовлекува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На неполна година откако ја напушти Владата, Арбен Таравари, претседател на едно од крилата на Алијанса за Албанците во интервју за емисијата „Вин Вин“ го обвини премиерот Мицкоски дека намерно ја маргинализира коалицијата ВЛЕН со цел да го ослабне нејзиното политичко влијание. Тоа не е добро ниту за општеството, ниту за Владата, рече Таравари.

„ВЛЕН јас мислам дека и денеска дури е послаба со влијание отколку на почетокот, значи само еден декор во Владата колку да се каже ете има и албански претставници во оваа Влада или во институциите а да немаат никаков импакт и никакво влијание за жал. Ако ме прашувате дали успеа Мицкоски ДУИ да ја однесе во опозиција, не, успеа ВЛЕН да ја однесе ДУИ во опозиција меѓутоа Мицкоски успеа да ги маргинализира тотално Албанците.“, изјави Таравари.

Премиерот Мицкоски не одговори дали има тенденција на маргинализирање на Албанците во Владата и колку тоа ќе се одрази на претстојната реконструкција. Тој само рече дека всушност неговите критики кон него се, како што рече принцип на вовлекување кај Али Ахмети, исто што го правел и со него кога го критикувал ДУИ.

„Се уште не можам да се изначудам зошто господинот Таравари тагува по Ѓока бизнисот кој што не му успеа и во јавноста измислува работи кои што немаат апсолутно никаква врска со реалноста. Инаку, јас многу пати сум ги коментирал односите во Владата и односите со нашиот партнер, инаку можам да кажам дека се исклучително принципиелни за разлика од односите кои што ги имавме со господинот Таравари кој што беа исклучително вовлекувачки од негова страна“, изјави Мицкоски.

Арбен Таравари како министер за здравство, беше дел од владината коалиција до мај минатата година, кога ја напушти Владата. Тогаш тој најави дека на локалните избори во октомври есента ќе соработува со ДУИ.