Иницијативата на ВРЕДИ за формирање Академија на науките на Албанците во земјава предизвика големи реакции во јавноста. Дел од коментарите се дека нема потреба да се етнизира науката, но министерот за здравство Арбен Таравари вели дека не станува збор за етнизирање, туку со тоа ќе има повеќе научни институции.
„Секогаш идеите кои се за наука и за уметност, јас мислам дека се добри и убави, така што засега почнавме како иницијатива од четири општини, јас се надевам дека понатаму дека ќе најдеме решение кои што би било прифатливо за сите кои што живееме во Република Македонија. Никогаш науката не се етнизира, таман работа, ние имаме повеќе универзитети, ќе имаме повеќе институции кои што се занимаваат со наука и со уметност и да ги развиеме овие институции што повеќе“, вели Арбен Таравари.
Но од коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ, не се согласуваат со оваа идеја велат дека Македонската академија на науките и уметностите е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има различни етнички заедници. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека како критериум во Академија не може да биде етничка или политичка припадност, туку достигнувањата во науката.
„Ставот наш како ВМРО-ДПМНЕ е јасен, имаме ние Македонска академија на науките и уметностите, во рамките на таа Академија се собрани научната мисла, научниците, кои што се од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на тоа да ја збогатуваме со научна мисла и со научници. Тоа е иднината, иднината не е во поделби, туку иднината е во обединување“, вели Христијан Мицкоски.
Против идејата за формирање посебна Академија на науките и уметностите на Албанците се и од СДСМ. Според нив паралелна институција од постојната МАНУ не е потребна. Оттаму тврдат дека ова е договор меѓу Мицкоски и ВРЕДИ пред формирањето на Владата.
„Кои други барања кои се неприфатливи за мнозинството граѓани Мицкоски ги има одмолчано или ги има тајно прифатено? Најголемите патриоти Мицкоски и Димитриевски заради комотна позиција во власта изгледа се правеле глуви на овие барања на ВЛЕН, а сега се обидуваат да поентираат со некакво неприфаќање. Прашање е само што ќе биде цената за тоа и дали под маса има испорачано друго барање доколу Академијата не помине“, порача СДСМ.
Од ДУИ пак со критики за начинот на поставувањето на академијата од страна на ВРЕДИ, велат дека е неприфатливо да прават, како што рекоа, општинска академија.
„Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад кој ја понижува нацијата, Влен ја „основа“ „АКАДЕМИЈАТА“ на науките и уметностите која ќе ја финансираат, замислете, општините, единствен случај во светот, академиско маало. Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и Уметност, тие дојдоа до „големата општинска идеја“ што уште повеќе ги понижува Албанците“, велат од ДУИ.
Од ЗНАМ на Максим Димитриевски преку соопштение реагираа дека во Македонија постои МАНУ како една и единствена академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен. Партнерите во власта од ВРЕДИ е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, реагираат од ЗНАМ.
