Освои прво место на Националниот шампионат во категорија до 60кг во карате. Но Абдурахим Идризи нема да ја претставува Македонија на Европскиот шампионат. На негово место ќе оди некој друг за кого гласала Комисијата на Карате федерацијата на Македонија. Таткото воедно и менаџер на Абдурахим вели дека ова што се случило е неправда.
„Вчера се одржа сениорскиот македонски шампионат, Абдурахим Идризи како што е по правило се пријави на категоријата минус 60 килограми и според сите правила доби прво место. Но по се што се случи, Карате федерацијата на Македонија одлучи на натпреварот да не оди победникот туку друг натпреварувач кој не учествувал во шампионатот и со тоа не е испочитуван Деловникот на Федерацијата.“, вели Алајдин Идризи.
По три пати дневно вежбал и за време на пандемијата за да гооствари сонот, Абдурахим вели дека ваква одлука не очекувал.
„Во текот на мојата 12 годишна кариера, единствениот сон е да учествувам на Европскиот и Светскиот шампионат за сениори бидејќи сето друго беше неофицијално. Светскиот шампионат е сон на секој спортист кој почнува да се бави со спорт.“, изјави Абдурахим Идризи.
Контактиравме и со Карате федерацијата на Северна Македонија но од таму телефонски ни одговорија дека одлуката ја донела Федерацијата. Наместо за Абдурахим гласале да оди Емил Павлов кој воопшто не учествувал на Државниот шампионат, вели таткото на Абдурахим. Инаку, Емил Павлов во 2018-та година по втор пат стана европски првак во карате.
