НАТО е подготвен да обезбеди техничка поддршка и дополнително да ја зголеми соработката со Северна Македонија во нејзината борба против хибридните закани и дезинформации, вети денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенбег. На прашањето на ТВ21 за посетата на претставници на НАТО на Скопје пред неколку недели, тој рече дека НАТО и Владата договориле низа краткорочни и долгорочни чекори што сојузниците можат да ги преземат за поддршка на Северна Македонија во одбраната од хибридните кампањи со кои се соочува.
-Неодамна разговарав за ова со премиерот на Северна Македонија и се разбира дека НАТО е таму за да ги поддржи сојузниците, што сега го прави со Северна Македонија која се соочува со различни хибридни закани. Поддршката што сојузниците се подготвени да и ја дадат на Северна Македонија е техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите. Би сакал да и честитам на Владата на Северна Македонија за брзата и детална работа во развојот на програмата за соработка што ја договоривме.“.
Ова го изјави Столтенберг еден ден пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО. Тој ја нарече историска недела бидејќи утре Финска ќе стане 31-ва членка на Алијансата, ова откако Турција конечно го ратификуваше протоколот, но истото не се прави и за Шведска, која исто така цели кон членство во Алијансата. Пречка за ова е и Унгарија, но Столтенберг изрази уверување дека ќе успеат и со членството на Шведска.
„Ова е историски и голем ден за НАТО и за Финска, која ја поздравуваме како 31-ва членка на Алијансата. Тоа само по себе е нешто за славење и да ја признаеме неговата важност. Тоа е и затоа што покажува дека вратата на НАТО останува отворена и дека секој народ има право да го избере својот пат, а не Москва да одлучува кој ќе биде член на НАТО, а кој не, ова е одлука на земјите кои аплицираат и на НАТО. Ова ќе се покаже многу јасно овде во седиштето на НАТО утре, кога ќе го подигнеме финското знаме и ќе го финализираме процесот за членство. Ова е добро и за Шведска, што ја прави уште поинтегрирана во НАТО и ја прави побезбедна.“, рече Столтенберг.
Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО се одржува во важен момент за безбедноста на Алијансата. Во фокусот на оваа средба ќе биде и руската инвазија на Украина, додека утре се очекува да се одржи Комисијата НАТО-Украина, која ќе ја повтори поддршката на Алијансата за Киев. Столтемберг го поздрави планот на Зеленски за мир, но рече дека нема знаци дека Путин се подготвува за мир, туку за уште војна, затоа поддршката на НАТО за Украина нема да престане, како и досега, каде што беа доделени околу 65 милијарди евра воена помош за Украина.
Бесир Арифи, ТВ21, Брисел.
