Тензии во Ормускиот теснец: Трамп тврди дека Америка соборила седум ирански бродови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп започна нова операција со цел повторно отворање на Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, што го поттикна Иран да изврши напади во обид да ја задржи контролата врз оваа клучна рута за испорака на енергенси.

Според медиумските извештаи, погодени биле неколку трговски бродови, а нафтеното пристаниште Фуџеира во Обединетите Арапски Емирати било зафатено од пожар по ирански напад, прв по четири недели.

САД соопштија дека уништиле седум мали ирански пловила, како и дека два американски трговски брода минале низ теснецот, без да наведат кога точно се случило тоа.

Иран ги негираше тврдењата на Вашингтон.

Адмиралот Бред Купер ги предупреди иранските сили да се држат на дистанца од американските воени единици кои ја спроведуваат мисијата.

Иранските власти објавија мапа на, како што наведоа, проширена морска зона под нивна контрола, која се протега далеку надвор од теснецот и опфаќа делови од брегот на Обединетите Арапски Емирати.

Јужна Кореја соопшти дека еден нејзин трговски брод претрпел експлозија и пожар во теснецот.

Британската агенција за поморска безбедност UKMTO извести дека два брода биле погодени кај брегот на ОАЕ, додека емиратската нафтена компанија ADNOC соопшти дека еден нејзин празен танкер бил погоден од ирански дронови.

По нападите со дронови и ракети на територијата на ОАЕ, властите во земјата оценија дека станува збор за сериозна ескалација и порачаа дека го задржуваат правото на одговор.

Трамп се соочува со притисок да најде решение за нарушеното глобално снабдување со енергенси, предизвикано од иранската блокада на теснецот, низ кој пред војната се транспортираше околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.

Повеќе од два месеци по почетокот на воздушната кампања што Трамп ја започна заедно со Израел на 28 февруари, Техеран во голема мера го блокираше преминот за сите бродови освен за сопствените.

Од минатиот месец, САД воведоа сопствена блокада за бродови што влегуваат и излегуваат од иранските пристаништа.

Централната команда на американската војска соопшти дека дел од нивните разурнувачи во Персискиот Залив ја поддржуваат операцијата.

Тие тврдат дека два трговски брода под американско знаме успешно го минале теснецот и безбедно го продолжиле патот. Не е објавено дали станува збор за воени придружби или цивилни бродови, ниту кога точно се случил преминот.

Иранската Револуционерна гарда, пак, тврди дека ниту еден комерцијален брод не го преминал теснецот.

Претходно, Иран соопшти дека отворил оган кон американски воен брод кој се приближувал кон теснецот, принудувајќи го да се повлече, но Вашингтон тоа го демантираше.

По најновите извештаи за нападите, цените на нафтата пораснаа за повеќе од пет отсто.

Во меѓувреме, Трамп не прецизираше какви чекори ќе преземе американската морнарица за да обезбеди слободен премин низ Ормутскиот Теснец.

Како одговор, иранската војска порача дека сите комерцијални бродови и танкери мора да ги координираат движењата со нивните власти.

„Повеќепати кажавме дека безбедноста на Ормускиот Теснец е во наши раце… Предупредуваме дека сите странски вооружени сили, особено агресивната американска војска, ќе бидат нападнати доколку се обидат да се приближат“, се наведува во соопштението.

САД и Израел го прекинаа бомбардирањето на Иран пред четири недели, а американски и ирански претставници одржаа една рунда директни разговори. Сепак, обидите за нови средби засега не успеале.

Иранските државни медиуми на 3 мај објавија дека Вашингтон преку посредство на Пакистан одговорил на ирански предлог од 14 точки, кој Техеран моментално го разгледува.

Деталите не се објавени, но според информациите, предлогот предвидува одложување на разговорите за иранската нуклеарна програма сè додека не се постигне договор за крај на војната и деблокирање на поморскиот сообраќај.

Трамп најави дека најверојатно ќе го отфрли тој предлог.