Тетово неколку дена без вода – тетовската водоводна мрежа стара 90 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе три дена во поголемиот дел од времето во Тетово нема вода како последица на два дефекта на главната водоводна цевка. Вчера 90% од градот немаше без вода. Денеска, пак, вода од чешма не течеше 12 часа на 15% од територијата на градот.

„Дефектот на главната водоводна цевка во Тетово предизвика еден дел од градот три дена да остане без вода. Властите работат, но еден дел од градот и понатаму нема вода“, истакна репортерот на ТВ21.

Од Јавното комунално претпријатие велат дека станува збор за цевка Ф300 која е оштетена на неколку места. Велат дека една од причините која довела до дефектот е тоа што водоводната мрежа е многу стара. 

„Има многу причини, но една од главните причини се тектонските поместувања, врнежите, земјотресите, работните активности кои се одвиваат и дотраеноста на цевките кои се стари 60 или 70 години. Но, малку е чудно бидејќи на 31 јули ја одбележавме 90-годишнината на градскиот водовод“, посочи Љуљзим Шаќири.

Во текот на денешниот ден, жителите од блокот згради 70 беа без вода. Тие полнеа вода на јавна чешма, но не сите сакаа да зборуваат пред камера, само велат дека три дена без вода е многу тешко.

Тетово има стара водоводна мрежа, системот е стар и цевките се од салонит, пукаат брзо и не се воопшто еластични. Водоводниот систем е стар 90 години, а честите дефекти се причина  различни делови од градот честопати да остануваат без вода.